02/05/2026
Копање по музичката историја и сегашност: Ѓокица Зафировски
Во новото издание од серијата настани „Копање по музичката историја и сегашност“ сме почестени да ни гостува Ѓокица Зафировски, фронтменот на блескавиот скопски бенд од 1990-тите „Suns“.
Но, музичкиот багаж на Зафировски, кој триесетина години живее во Англија, е многу повеќе од „Suns“, а можноста да го начекаме во Скопје, е настапот што деновиве го имаше со неговиот најнов музички проект, бендот „Од Пр’ва“.
Ќе разговараме за неговите музички радости, почнувајќи од најраните спомени за неговото присуство на македонската музичка сцена, за уникатниот звук на неговата електрична гитара, по кој го паметиме, за чудесните комбинации од музичари со кои соработувал, за „Чак Бери Старс“, за „Коприва рекордс“ и за музицирањето во Англија и тоа што претстои.
„Копање по музичката историја и сегашност“ е серија настани во продукција на Рок-бар „Круг“, чија цел е да потсети на значајните музички остварувања во минатото - јубилеи на значајни албуми и музичари - и да ги претстави бележитите феномени и трендови на денешната македонска рок сцена.
Настаните се конципирани како „подкаст пред публика“. Домаќин на ова издание ќе биде Васко Марковски (1973) - поет, музичар и литературен преведувач, а на сцената ќе имаме и акустична гитара и ексклузивна можност да го чуеме Џоле со дел од неговиот опус.
Ве очекуваме!