19/09/2026
СПОРТ >>> ДИРЕКТОРОТ НА БАЕРН МИНХЕН МУ ПОРАЧА НА ЈАМАЛ ДЕКА НАЈДОБРИТЕ НЕМААТ ПОТРЕБА ОД КАМПАЊА
Спонзорирано од Ресторан "АДРИАТИК" - Битола
Рапсодијата со голови на Баерн Минхен на „Алијанц Арена“, во која главни улоги имаа Мајкл Олисе и Хари Кејн, повторно ја разгоре дебатата за претстојната „Златна топка“. Двајцата фудбалери на баварскиот гигант се најдоа на списокот од 30 финалисти и важат за сериозни кандидати за престижното признание, кое ќе биде доделено на 26 октомври. По натпреварот, спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, ги коментираше шансите на Олисе да ја освои наградата. Тој истакна дека изборот е субјективен, но упати големи пофалби за францускиот репрезентативец. „Тој дефинитивно припаѓа во групата на потенцијални освојувачи на „Златната топка“. Мајкл со начинот на кој игра фудбал влегува во оваа група. Тој несомнено е еден од најдобрите фудбалери во светот“, изјави Еберл. Дебатата се засили по изјавата на Ламин Јамал, кој летово со Шпанија триумфираше на Светското првенство во 2026 година, а исто така е меѓу кандидатите за наградата. Во интервју за „Мовистар Плус“, Јамал истакна дека „Златната топка“ треба да му припадне на најдобриот фудбалер, а не нужно на играчот со најмногу голови. „Златната топка треба да оди кај најдобриот играч во светот, точка. Не треба да му припадне на фудбалер кој постигнал 80 гола. Ако постигнете 80 гола, ја добивате наградата за најдобар стрелец во сезоната. Тоа се две сосема различни работи“, изјави Јамал. Еберл не остана должен, испраќајќи кратка и директна порака: „Најдобри се играчите на кои не им е потребна кампања!“ Хари Кејн, пак, не сакаше да се впушта во вербалната пресметка. Англискиот напаѓач, кој минатата сезона ја освои „Златната копачка“ со 73 гола, порача дека одговорите ги дава на теренот. „Не сакам премногу да зборувам за себе. Јас зборувам на теренот. Секој е различен. Ламин Јамал имаше одлична сезона, исто како и Мајкл Олисе. „Златната топка“ не е во мои раце“, изјави Кејн. Тренерот на Баерн, Венсан Компани, посочи дека головите на Мајкл Олисе се резултат на сериозна работа на тренинзите. „Мајкл ги постигнува овие голови, но многу работеше на завршницата за време на тренинзите. Дури и на најдобрите фудбалери им е потребно нешто повеќе од талент“, истакна Компани.